Околу еден месец ќе трае одморот за фудбалерите на Победа. Така е затоа што обврските им завршија на 2 јуни, а следниот собир, според планот на Управата и Стручниот штаб, треба да се случи на 1 јули (понеделник) или на 3 јули (среда). Деновиве ќе биде до детали одредено како ќе се одвиваат подготовките за Втората лига, под водство на Јане Николоски и неговите асистенти. Засега нема информации за заминати или новодојдени во клубот, но и околу ова сигурно ќе има новости по 15 јуни, со стартот на преодниот рок.
Клубот информира дека активности имаат членовите на Младинската школа предводена од координаторот Кирил Овезоски. Повеќе категории млади фудбалерчиња ќе земат учество на Третиот турнир „Еден на еден – Могила-куп“ во Могила, Битолско.