Летово прилепските љубители на спортот се во потрага по квалитетни спортски настани, а токму таков претстои од 29 август до 1 септември – Деветтиот меморијален меѓународен ракометен турнир „Миле Нешковски 2024“, во спомен на прерано починатиот ракометар и тренер. Бидејќи влезот е слободен, а на паркетот се докажани со квалитет тимови, се очекува многу публика во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“.
За претставување на се она што ќе се случува на турнирот, денеска во хотелот „Атлас“ во Прилеп се одржа прес-конференција, на која на јавноста се обратија Рубинчо Седлоски – претседател на Организацискиот одбор, Никола Чадамов – претставник на компанијата Комфи ангел и на РК Прилеп, како и д-р Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Според изложената програма, в четврток од 16 часот пред Универзалната сала е положувањето цвеќе на споменикот од Миле Нешковски, два часа подоцна, од 18 часот, е првиот меч Охрид – Куманово, а од 20 часот вториот меч Прилеп – Еурофарм Пелистер 2. В петок се два меча, од 18 часот Врање – Куманово, од 20 часот Тиквеш – Прилеп, а и в сабота уште два – од 18 ч. Охрид – Врање и од 20 ч. Тиквеш – Еурофарм Пелистер 2. В недела се мечевите за пласман – од 11 ч. за петто, од 13 ч. за трето место и од 15 часот финалето, по што е свеченото затворање низ доделувањето на наградите.
ДОАЃА МИНИСТЕРОТ ЗА СПОРТ!
По повод турнирот, најавено е доаѓање и на Борко Ристовски, министерот за спорт. Тоа најверојатно ќе се случи в четврток, на првиот ден од турнирот. Неговото присуство ќе биде добредојдено и за да се добијат најновите информации во врска со Универзалната сала, во врска со настојувањата да се реновира тој објект и што побргу биде отворен за спортистите и публиката.
Ристовски беше присутен во Прилеп и во Универзалната сала пред 45 дена.