Викендов има два машки кошаркарски меча во салата од ООУ „Добре Јованоски“ во Прилеп. Два се затоа што клубот Мега баскет учествува со два тима во два различни ранга – второлигашкиот и третолигашкиот.
Утре (сабота) од 19 часот е третото коло од Втората кошаркарска лига на Македонија. Екипата Мега баскет пречекува силен ривал, МЗТ Уни банка од Скопје. Тренер на Мега баскет е Мико Голубовиќ.
ДВОЈКИ ЗА 3. КОЛО: Мега баскет – МЗТ Уни банка, Охрид – ФМП Академија, Работнички – Црн Дрим, Борец – Соколи, Маџари – Ангели, Бутел – Водно.
ТАБЕЛА: Маџари, Ангели, Соколи и МЗТ Уни банка по 4, Работнички, Борец, Мега баскет и Црн Дрим по 3, Бутел, Охрид, Академија ФМП и Водно по 2.
Стартува и Третата кошаркарска лига на Македонија, во три групи. Во рамките на 1. коло од Б-групата, задутре (недела) од 18,30 часот во салата на ООУ „Добре Јованоски“ е дуелот Мега баскет јуниор (Прилеп) – Чаир 2030 (Скопје). Тренер на Мега баскет јуниор е Сашо Костоски.
ДВОЈКИ ЗА 1. КОЛО: Мега баскет (Прилеп) – Чаир 2030 (Скопје), Хераклеа (Битола) – Спортисимо баскет (Кавадарци), Конзули (Битола) – Овче Поле (Свети Николе).
Од Кошаркарскиот клуб Мега баскет изразуваат голема благодарност за поддршката од: Прилепската пиварница, Матадор, Бимфуд, Гурмано и од кошаркарската легенда Петар Апцев од Дубаи.