За теренот со вештачка трева во Прилеп и условите за тренинзи и за натпревари сме слушнале само поволни впечатоци од корисниците. Сите се презадоволни – и играчи и тренери и судии и делегати. И при нашата посета се уверивме во чистотата и на се што е околу теренот, трибините, просториите, коишто последните три-четири години ги одржува човекот одговорен за нив Гоце Гелевски. Но, според него, постои и проблем во најново време – вештачката трева.
– Теренот со површина од 8 декари е веќе 10 години на располагање. На почетокот тревата беше висока 5 сантиметри, а сега 1,5 сантиметри. Така е затоа што беше оптоварен со натпревари и тренинзи, по цели денови. Затоа ќе може да се користи само уште една година или година и пол. Потребна е нова трева на овој терен, а за да се растовари тој неминовно е да се изградат до него уште два скратени терена за Детската лига. Се надевам дека ќе се изнајдат сили да се реши овој проблем – вели Гоце Гелевски.
Теренот го користат од најмали до највозрасни фудбалери, од Детската лига до Третата лига – Југ.