Чудно, а вистинито. Некогашниот европски и светски шампион, белградска Црвена звезда, кога доаѓала во Македонија за возач имала прилепчанец, Трајче Ѓорѓиоски. Скопјаните често негодувале кога ќе го виделе автобусот со прилепски регистарски таблички паркиран на аеродромот ,„Петровец“, како ги чека гостите од Белград.
-Зарем во цело Скопје не се најде возач, па мора некој да биде од Прилеп, специјално да доаѓа да ја превезува Звезда?- се прашувале,
Така било околу една деценија, од 1978 до 1988 година. За куп, пријателски или првенствени натпревари, ,„црвено-белите“, низ Скопје и репубуликава редовно патувале кога воланот го управувал нашиот Трајче.
-Тоа одеше преку „Путник“ од Скопје. Возев многу тури за Париз. Кога бараа превоз да се обезбеди, од Скопје ме одбираа не само поради тоа што бев според нив добар возач, ами и затоа што знаеја дека многу го сакам фудбалот и навивам за Звезда. Ги преземав од аеродром до хотелот и стадионот и назад. Патници редовно ми беа браќата Ѓуровски, Крмпотиќ, голманот Стојановиќ, од тренерите се сеќавам на Станковиќ, од управата незаменлив Џаиќ – вели Ѓорѓиоски.
Доживеал многу пријатни и непријатни моменти. За она што било на теренот јавноста се запознавала преку ТВ-снимките. А за она надвор од стадионот еден од сведоците е тој. Кога во Скопје гостувала, половина град навива за Звезда, другата половина ја мрази. По еден триумф на „црвено-белите“, иако имало примерно испраќање од Вардар, се случил инцидент. Неколкумина млади успеале да се приближат до автобусот и да фрлат камења.
-Таман излеговме од стадионот, на ,„Илинденска“, ми го пукнаа стаклото и на Бошко Ѓуровски му го раскрвавија носот. Дојдоа новинари да го прашуваат Џаиќ, а тој смирено:
– И у Београду има такве будале. Могу да се наѓу у сваки град. Не могу ја да оцрним целу Македонију због овога. Пишите да је било све у реду.
Секое доаѓање на Звезда било празник за сите, па и за шоферот. Славните фудбалери ги возел и на подготовки, на тренинзи, на прошетки. Еднаш ги одвел до Жилче, село во Тетовско, родното место на браќата Ѓуровски. Со печени јагниња, со големи почести била пречекана цела Црвена звезда, водена од легендата Џаиќ. Цел ден биле таму.
Браќата Ѓуровски беа големи ѕвезди. Особено Милко, со немирниот дух и секојдневните недоразбирања со тренерот или управата.
-Пред да оди во Партизан на последниот настап за Звезда, спиевме во ,„Континентал“. Милко делеше од другите. Сите облечени во костуми, тој во ,„тексас“ и коса долга. Ме прашува: Мајсторе кај ќе одиш? Одам в град негде. Може да идам со тебе? Може, не ми пречи, тренерот ако те пушта. Да ме однесеш до касарната. Го однесов. Таму слезе. Кога се вратив, Џаиќ ме викна: Где је отишао Милко? Не знам. Јас одам по своја работа, не отидов него да го носам. Се качи и кај отиде не знам. -Много је немиран. Добар је играч, али дисциплина никаква, ми вели Џаиќ. Како се врати потоа, со такси или поинаку, не знам. Важно Џаиќ ми рече: Други пут немој овако!
Трајче Ѓорѓиоски бил шофер на автобусот од прилепска Победа од 1966 до 2010 година.