Прекарот Ацуле (од Александар. Забрчанец) уште долго ќе се памети меѓу фудбалските љубители. Многу анегдоти има поврзани со долгогодишниот директор и претседател на Победа. Еве една од 27 февруари 2005 година:
Се игра прволигашкиот дуел Победа – Беласица, клубови од градови со најдобри односи, ама и голем спортски ривалитет. Градскиот стадион „Гоце Делчев“ се реновира, старите клупски простории на Победа се срушени, па се користат од 11 Октомври. Времето студено и врнежливо, со силен ветер. Домашните бараат одложување на мечот за следниот ден, сметајќи дека тешко е да се стигне до трите бода во невреме. Ацуле довикува до делегатот и судиите. Струмичаните обратно – се надеваат дека ќе нема голови, ќе дојдат барем до бод. Тие инсистираат да се игра оти имало услови.
Почнува натпреварот, но и натаму траат кавгите на претставниците. Победа дава гол преку Николче Здравески и така се заминува на одмор. На домашниве им олеснува. По одморот уште подобро. Пак Здравески стрелец, плус Сашо Крстев и Емерсон. Почнува да паѓа снег, виулици – играчите не се гледаат. Гледачите не гледаат речиси ништо од големата трибина
– Судија прекинувај, нема услови – се бунат струмичаните за да изнудат преигрување.
– Времето си е убаво, гледајте какви акции и голови – враќа Ацуле.
Мечот се доигрува, Победа победува со 4-0.