Никој не може да верува, но синоќа пристигна трагична вест – почина Николче Здравески, легендарниот фудбалер и тренер. Имаше само 54 години.
Николче Здравески во играчката кариера печат остави во повеќе клубови, како битолски Пелистер, скопски Вардар, прилепска Победа… Секаде неговите настапи се поврзани само со успеси и трофеи. Прилепчаните засекогаш ќе го паметат по трофеите (освоен Куп 2001/2002 и шампионска титула 2003/2004) и по најголемите достигнувања во Европа, во евро-куповите. Во сезоната 1999/2000 се случи спектаклот во купот Интертото, мечевите со италијанската Перуџа, а во следната сезона 2000/2001 преку елиминацијата на романската Универзитатеа се случија дуелите со италијанската Парма.
Како тренер се покажа и во Победа и во 11 Октомври, во Спортската академија – паралелка фудбал при Гимназијата „Мирче Ацев“, како и во Фудбалската школа „Еврогол“. Најголем тренерски успех му е шампионската титула со Победа во сезоната 2006/2007.
Најголемиот успех во историјата на прилепскиот фудбал е пласманот во првото коло од Купот УЕФА, во сезоната 2000/2001. Тогаш Победа во претколото го направи најголемото изненадување, го елиминира фаворитот од Романија, Универзитатеа од Крајова. Во Крајова беше 1:1, во Прилеп 1:0 за Победа, а двата највредни гола во прилепската историја ги постигна Николче Здравески. Резултатите против Романците во првото коло го донесоа италијанскиот гигант Парма во Скопје, меч кој го наполни стадионот, а таму од Прилеп допатуваа навивачи со воз од 20 вагони.

ПОБЕДА – ПЕРУЏА 0:0
ПОБЕДА: Груевски, П. Ристовски, М. Стојковски (37. Петров – 83. Грозданов), Лазаревски, Николаевски, Стојковиќ, Димитриевиќ, Жилсон (53. Т. Наумоски), Каранфилоски, Н. Здравески, Главевски. Тренер: Драган Канатларовски.
ПЕРУЏА: Мацантини, Хиларио, Калори, Рипа, Суси, Петраки, Оливе, Тедеско, Тапиа, Наката (68. Камполо), Рапаиќ (75. Миланезе). Тренер: Карло Мацоне.

УНИВЕРЗИТАТЕА – ПОБЕДА 1:1 (Папура 31. – Н. Здравески 90.)
УНИВЕРЗИТАТЕА: Богдан, Стојкан (61. Добре), Најку, Папура, Батрану, Калин (53. Баркуан), Никулеску, Миту, Алистар (48. Болдовин), Сава, Драгомир. Тренер: Флорин Марин.
ПОБЕДА: Тенев, Николаевски, Б. Нацев, Манев, Т. Наумоски (59. Г. Тодоровски), Н. Здравески, Каранфилоски, Стојчевски (85. Мегленски), Жилсон, Диниќ (80. Ќумбев), П. Ристовски. Тренер: Никола Илиевски.
ПОБЕДА – УНИВЕРЗИТАТЕА 1:0 (Н. Здравески 78.)
ПОБЕДА: Тенев, П. Ристовски, Г. Тодоровски (75. Ќумбев), Николаевски, Манев, Б. Нацев, Жилсон, Т. Наумоски (70. Мегленски), Каранфилоски, Н. Здравески, Стојчевски (77. Стефанов). Тренер: Никола Илиевски.
УНИВЕРЗИТАТЕА: Богдан, Стојкан (53. Питу), Батрану, Папура (2. Домокош), Данчиу, Калин (60. Негру), Никулеску, Миту, Добре, Драгомир, Болдовин. Тренер: Флорин Марин.
Николче Здравески поради велемајсторските потези беше нарекуван прилепскиот Дел Пјеро. Беше избран за најдобар спортист на Прилеп за 2004 година.
На насловната фотографија Николче Здравески е со Фабио Канаваро, член на Парма, еден од најдобрите одбранбени играчи во историјата на фудбалот, со Италија освојувач на титулата светски шампион.