Попладнево Победа со 2:0 го совлада Пехчево и стана прволигаш по пауза од три години. Нема потреба да се чека последното коло од Втората лига – Исток, со оглед на тоа што разликата со третата Слога е недостижна – четири бода, а иако со втората Беласица е достижна – три бода, сепак при ист број на бодови прилепскиот тим е првак бидејќи е подобар во меѓусебниот скор. Фудбалот е нешто посебно, во најбитните натпревари секој детал е за паметње. На Градскиот стадион „Гоце Делчев“ околу 4000 прилепчани скокаа од радост при првиот гол на Филип Стомнароски во 42.. минута, при вториот на Филип Димоски во 82., при информацијата дека Беласица води со 1:0. Радост и по последниот свиреж на судијата Константин Влахо. Но, само куса. На стадионот завладеа тишина откако фудбалерите и тренерите на Победа се собраа во куп на теренот, барајќи по мобилен конечен резултат од дуелот во Струмица. Цел стадион беше во исчекување. Дали Беласица ќе издржи со играч помалку? И одеднаш експлозија од одушевување кај играчите и тренерите, што беше знак дека славјето на трибините може да почне. Пријатели со пријатели, познати со непознати се прегрнуваа по неколкупати од радост. Фудбалот е нешто што најмногу се сака во Прилеп. Сега со нетрпение ќе се чека август и првиот прволигашки меч.
РЕЗУЛТАТИ 26. КОЛО: Победа – Пехчево 2:0, Беласица – Слога 1:0, Саса – Кожуф 0:1, Осогово – Детонит 1:1, Локомотива – Братство 2:2.
ТАБЕЛА: Победа 59, Беласица 56, Слога 55, Саса 45, Кожуф 37, Детонит 31, Пехчево 30, Осогово 28, Братство 15, Локомотива 7.
ПОСЛЕДНО 27. КОЛО (14 мај17 ч.): Слога – Победа, Кожуф – Беласица, Детонит – Саса, Братство – Осогово, Пехчево – Локомотива.