Во тек е монтажата на документарниот филм „Чоба“ посветен на фудбалската легенда Слободан Јањуш, голман на сараевските Жељезничар и Сараево, на новосадска Војводина, загрепски Динамо и други тимови од некогашна Југославија. За нас интересно е што во тој босански филм, чија премиера е најавена за почетокот од иднава година, по некоја случајност, има сцена со знамето на прилепска Победа. Заслугата е на Кире Иваноски – Балче, од дете навивач на Победа, од категоријата „борини“.
– Далечната 1977 година, на финалето на Средноевропскиот куп на УЕФА, Војводина стана победник. Таа славеничка вечер на стадионот во Прага го виорев и знамето на Победа кога го носев славенички на рамена голманот Слободан Јањуш. Сето тоа ке биде објавено во филмот – информира Балче.
Одбележува 60 години навивање за најсаканиот клуб. За јубилејот најавува на прилепскиот стадион истакнување на знаме со 16 краци на Александар Македонски, а веднаш до него знамето и амблемот на Победа. Есенва да се веат до управната зграда на Победа, а напролет под старото навивачко место под стариот даб на големата трибина. Посилен е од повредите, последица од неодамнешната сообраќајка, па со верба гледа кон иднината.
– Уште овие две есенски кола да ги издржам, со Шкупи и со Скопје. Напролет одиме во нови победи – порачува Кире Иваноски–Балче.