Многупати екипата на Победа ја покажуваше силата против некогашните тимови, членови на највисокиот ранг, Првата лига на Југославија. Така, на 28 јули 1977 година во Прилеп гостин на пријателски меч беше прочуениот Раднички од Ниш. Таа екипа во тукушто завршеното прволигашко првенство на Југославија го освои високото 7. место. Победа, пак, беше на 8. место во Втората југословенска лига – Исток. Се очекуваше доминација на прволигашот, но… Прилепскиот тим се мотивираше до максимум кога против себе има фаворит. За Раднички играа Миленковиќ, Ковачев, Обрадовиќ, Воиновиќ, Митиќ, Андрејевиќ, Стоиљковиќ, Халиловиќ, Панајотовиќ, Антиќ, Миташевиќ…Уште во првото полувреме беше разбиен тимот на славниот тренер Јосип Дуванчиќ. Водството беше 4:2 за Победа. Во вториот дел уште три гола во гостинската мрежа, за конечни и неверојатни 7:3. Стрелци за Победа: Рубин Ѓорѓиоски и Ристо Глигороски по 2, Ѓоко Николовски, Јове Магдески и Благој Митев по 1.
За Победа настапија: Т. Тодороски (Нешкоски), Мечев (Адамчески), Митев, Дрвошанов, Глушески (Секулов), Л. Петрески, Манески (З. Конески), Магдески, Глигороски, Р. Ѓорѓиоски (Момироски), Ѓ. Николовски.