Далеку зад нас е 28 март 1993 година, но ќе се обидеме да се сетиме на деталите. Тој ден во салата „Македонија“ во Прилеп се одигра дербито од Втората женска ракометна лига, Металотехника (Прилеп) – Партизан Копачка (Кичево). Дерби од втор ранг натпреварување, а салата се преполни со гледачи. Како да играа репрезентации.
Еве зошто имаше вриеж. Беше прво пролетно коло, а на мегдан вториот тим на табелата (Партизан Копачка) со 13 бода и петтата (Металотехника) со 8 бода. Борба за првите две места кои значеа пласман во Првата лига. Во медиумите (весници, радија и телевизии) се создаде таква атмосфера за секој ракометен љубител да не може да отсуствува од дербито. Клубот домаќин најави срдечен пречек на влезот. И така беше. За секој гледач ем бесплатен влез, ем на влезот уште и честење со бонбониера, па и знаменце за навивање. Ништо чудно, ако се знае зад клубот каква компанија стоеше, водена од браќата Јандре и Аце Здравески.
Металотехника не само што успеа да го добие тоа дерби (22:19), ами победи нареди до крајот на првенството, за второ место и пласман во Првата лига. Играа: Лидија Џајковска, Татјана Димеска, Татјана Филипоска, Христина Самарџиоска, Наташа Ристеска, Билјана Китановска, Силвана Карбеска, Весна Чергоска, Лидија Милошеска, Жане Ристеска, Виолета Бошеска, Александра Смилеска, Мануела Талеска. Тренери беа Петар Шукуроски и Трајче Зулјамоски.