Прилеп е полн со необични спортисти. Чудо над сите чуда се смета ракометарот Методија Цветкоски – Мечката. За екипата Прилеп, подоцна Тутунски комбинат настапува кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од 20 век. Во тоа време е еден од највисоките прилепчани. Неговите стравотни удари немаше голман што ќе ги одбрани. Гледачите уживаа и скокаа од радост околу игралиштето кај Вишата економска школа. Во книгата „Монографија за прилепскиот ракомет и РК Тутунски комбинат“ авторот Миле Талески пишува:
„Беше роден за ракометар, а за тоа не знаеше ни самиот. За тоа дозна тогаш кога во раката му ја ставија топката. И од првиот миг кога ја допре топката, сите очевидци знаеја дека се работи за исклучително голем талент. Без ниеден тренинг Методија немилосрдно ги тресеше мрежите и веднаш стана првотимец. Мечката стана толку популарен, што за него се заинтересираа и многу југословенски прволигаши. Ако појдеше таму, сигурно ќе прераснеше во еден од најдобрите ракометари во тогашната Југославија и ќе беше стандарден репрезентативец. Меѓутоа, тоа високо момче со долга и неисчешлана коса и долги раце, некој кобен ден вкусил капка жестока течност за која дотогаш не знаел ништо. И таа капка подоцна наполно го удави.“
За Методија Цветкоски – Мечката е снимен документарен филм од Македонската телевизија.