Попладнево (17 ч.) на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп се игра пријателскиот фудбалски натпревар Победа – Пелистер. Иако пријателски, дуелот меѓу вечните соседни ривали секогаш е интересен, особено сега кога се во иста конкуренција, Втората лига. Од прилепскиот клуб јавуваат за најново потенцијално засилување веќе за 1. коло од првенството, 24-годишниот Дарко Грозданоски, напаѓач. Беше член на струмичка Беласица, а претходно има играно за скопски Вардар, Силекс, Тиквеш и за Победа, во сезоната 2021/22. Практично може да биде повратник во Прилеп. Доколку пристапи, ќе биде осми новодојден во Победа, по голманот Иван Николоски, одбранбените Мартин Талески, Христијан Кукески и Валентин Белески, за врска Константино Ѓорѓиовски, напаѓачите Филип Димоски и Беким Алимоски.
Денешниот е последен пријателски меч, во пресрет на првенството на 12 август, кога Пелистер и гостува на Беласица, а Победа дома игра со Тетекс.