Сега на безброј ТВ-канали и дење и ноќе во изобилство има врвен фудбал од странските првенства. Пред три-четири децении не беше така. Тогаш со нетрпение се чекаше понеделникот и емисијата ,„Телеспорт“ на ТВ Скопје во која беа случувањата од претходниот викенд. Беа прикажувани извештаи од домашната и меѓународната фудбалска сцена. Особено се уживаше во головите од англиската лига, затоа што беа проследувани со еуфорија од трибините.
Понеделникот на 8 април 1985 година вечерта во Студентскиот дом ,„Стив Наумов“ во Скопје клубот е преполн со студенти кои се во очекување на содржините од емисијата. Се прикажува акција, гол и – згрмува публиката. Еден од студентите, Србин воодушевено коментира
– Јој, што ти је енглеско првенство!
– Какво енглеско, ова е Победа – Тетекс, го поправа друг.
И навистина, тоа беше извештај од Прилеп, од дербито на Републичката лига, што го доби Победа со 2:1, со головите на Владо Тортевски и Ристо Глигороски, а голот за тетовчаните го даде Мирослав Јаковљевиќ. Новинарите проценија 15 илјади гледачи.