Во есенскиот дел од Третата лига – Југ првото место, на големо изненадување, го освои Големо Коњари. Изненадување, со оглед на тоа што е два бода над велешките Борец и Превалец. Може ли до крајот да се задржи првото место, за влез во Втората лига?
– Се бориме со ривали од место кое речиси 70 пати е поголемо од нашето, имајќи предвид дека Големо Коњари има 600, а Велес 40 илјади жители. Ни приближно немаме финансиска моќ. Претстои голема борба. Во преодниот рок планираме нови играчи – во шпицот, средниот ред и во одбраната, а ни треба и голман, со оглед на црвениот картон што го има Далибор Рајевиќ и возраста на Дарко Трајкоски – вели Тони Даноски, клупскиот претседател.
Тренерот Горан Касниоски со тренинзи започнува во февруари, на игралиштето во Големо Коњари и, ако се лоши временските услови, во спортските сали во Прилеп.