По подолго време оптимизмот во оваа пролетна етапа е вратен во редовите на Победа. Всушност, тоа е очекувано сега, со оглед на тоа што цела пролет е означена со прогрес на младата екипа, чиј предводник е капитенот, 21-годишниот одличен голман Антонио Столевски. Во пресрет на утрешниот меч дома со гевгелиски Кожуф, неговата порака е кратка и јасна:
– Како капитен можам да пренесам дека сите ние од екипата за в сабота бараме поддршка од нашите навивачи и симпатизери – вели Столевски.
Очекувани се повеќе илјади гледачи за „тресење“ на трибините, со оглед на тоа што претстои голема борба на 13-тата Победа со 23 против 10-тиот Кожуф со 28 бода. За мечот в сабота (15 ч.) на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, тренерите Јане Николоски и Филип Деспотовски ќе го кажат своето околу почетните постави, а сега само потсетуваме како изгледаа тие во претходното коло:
ПОБЕДА: Столевски, И. Трајкоски, Г. Димоски, Д. Дебрешлиоски, Д. Адили, Поп-Антоски, Ивчески, Кофиловски, С. Спиркоски, Да. Спиркоски, Богевски.
КОЖУФ: Картов, Петров, Коцев, Д. Иванов, Џ. Адили, Кочев, Б. Иванов, Петровски, Митков, Најдовски, Стојков.