Екипата Прилеп е нов член на Првата пингпонгарска лига на Македонија. Денеска овој тим освои три бода во Скопје, доволни за пласман на првото место. Прво совладани беа Патриоти од Велес со 4:0, со партиите добиени од Александар Штаргоски, Рубинчо Ристески, Александар Чадамовски и Бранимир Димков. Потоа беше дербито кое одлучуваше, со домашниот Студент кој одеше на максимална победа од 4:0, неопходна за искачување на врвот од табелата. Но, прилепскиот тим не дозволи таков резултат, туку минимален пораз од 4:3. Овде партиите за Прилеп ги добија: Александар Штаргоски 2 и Рубинчо Ристески.
Со завршувањето на дербито, заврши и првенството. Прилеп има 19 бода исто колку и Студент, но прилепската екипа има подобар биланс во меѓусебните дуели, поради победата од 4:1 есеноска. Всушност, Прилеп по двапати ги победи сите други ривали: битолски Пелистер, кочанскиот Хепи, Саса од Каменица и велешките Патриоти.
Прилеп станува прволигаш, а на вториот Студент му претстои бараж.