Детето е Мартин Ристески, член на Младост 96. Само за две години се виде не само неговиот талент, ами и квалитетите низ домашните и меѓународните натпревари, како член на репрезентацијата на Македонија. Веќе има освоено десетина медали.
Наесен ќе настапува со двојна регистрација – за Младост 96 на натпреварите во младинските категории, а за Прилеп во сениорската Прва лига. Според пропозициите, Прилеп кој стана второлигашки првак со играчки кадар на возраст меѓу 37 и 47 години, во прволигашкото првенство мора да има во своите редови и младинец до 21 година. Токму тоа место ќе го пополни Мартин Ристески. Ова е изненадување со оглед на тоа што тој е дури 9 години помал, но во клубот Прилеп, каде што татко му Рубинчо е играч-тренер, имаат објаснување:
– Мартин иако е дете, има квалитети како да е младинец. Половина екипа и сега не победува – велат во клубот Прилеп.
Мартин почнал пингпонг пред 6 години кај Кире Ѓорѓиески – Мечето, по неколку месеци се откажал, а од 2021 година пак е со омилениот спорт.