Екипата на второлигашот Победа ја почна со пораз серијата летни пријателски мечеви, дома со 1:2 од второлигашот Новаци. Меѓу симпатизерите на прилепскиот клуб – вечните оптимисти очекуваа и подобар резултат и и подобра игра, но тие што се реални велат дека за секој нов тим треба време и многу работа.
Едниот аспект, најважен во моментов е тоа што недостигаат многу првотимци од минатата прволигашка сезона, а многумина нема и од екипата што настапуваше во пролетниот дел од првенството. Покрај странците Фавахри, Петковиќ, Ѓурковиќ, Дадет, Делибашиќ, ги нема Тофилоски, Котевски, Паноски, Хани, Кудијан, Јованов, Трајкоски, Стоименовски, Ферати, Адили, Чајани, Дујовски, Алиу… Од тие што поредовно играа останаа само стоперот Филип Стомнароски, за врска Јорданчо Наумоски и напаѓачот Анаталоиј Петејчук. Петмината новодојдени (голманот Иван Николоски, стоперите Христијан Кукески и Валентин Белески, напаѓачите Беким Алимоски и Филип Димоски) можат да придонесат за подигнување на квалитетот. Тука се и другите фудбалери кои имаат шансата за да се наметнат, а секако дека треба да се смета и на тинејџерите, кои се мнозинство во овој играчки кадар, недоволно искусни, но очигледно талентирани фудбалери со поминати години во клупската школа. Оттука, не се очекуваат брзи резултати, ами низ работа и трпение.
Вториот тест Победа го има утре (среда) со Караорман во Струга.