Пред стартот сме на Хуманитарниот турнир во мал фудбал „Свети Никола“. Се одржува во две училишни сали – од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ и од ООУ „Добре Јованоски“. Со оглед на тоа што во тие сали има и спортски клубови кои држат тренинзи и играат натпревари, побаравме одговор како се снаоѓаат во овој период.
Во врска со Ракометниот клуб Прилеп, еве ги одговорите на Александар Мариновски (клупски претседател) и Рубин Седлоски (член на Управниот одбор).
Александар Мариновски: Се е договорено со организаторите на турнирот.
Рубин Седлоски: Во „Ричко“ вчера игравме за Куп, в понеделник за првенство со Еурофарм Пелистер, и завршуваме. Тренинзите се во „Добре Јованоски“ од 18 часот од понеделник до петок, исто како и женската екипа Деспина. Во двете сали се работи комбинирано – младите во „Добре“, сениорите во „Ричко“.
Во врска со Женскиот ракометен клуб Деспина, известување од секретарот Зоран Спиркоски.
– Тренираме во „Добре Јованоски“, а уште два натпревара ќе одиграме во „Ричко“. Првиот , со штипски Астибо е в сабота, во 15 часот, во „Ричко“.
Од Футсал-клубот Победа, претседателот и капитен Никола Трајкоски информира дека следниот првенствен меч со Енхалон од Струга е закажан за в недела од 15 часот, во „Ричко“. И од Кошаркарскиот клуб Мега баскет, претседателот Данаил Домлески е задоволен што нема проблеми.
– Во координација со организаторите, термините за тренинзи и натпревари остануваат исти. Овој викенд и двете наши екипи, сениорската и младинската, гостуваат. За наредниот викенд подетално ќе инфрмираме за натпреварите дома.
Хуманитарниот турнир во мал фудбал „Свети Никола“ денеска за пионерите почна од 12 часот во „Добре Јованоски“, а утре за сениорите од 18 часот е во „Ристе Ристески – Ричко“.