Не е лесно да се изброи точно колку тренери биле на чело на Победа од почетокот на клубот до денес. Според некои статистики, има над 50. Меѓутоа, точно се знае дека тренер со најкус стаж во Победа е Србољуб Маркушевиќ (почина 2019 година на 83 години), долгогодишен играч и тренер на Сараево. Тој доаѓа во Победа во вторникот на 11 април 1978 година, пред дербито со Вардар во Прилеп. Дербито е следниот ден, во средата, дуел меѓу прилепскиот тим кој се бори за опстанок во Втората југословенска лига – Исток и скопскиот кој има амбиција да биде прв за влез во Првата југословенска лига. Гостите победуваат со 2:0 (стрелци Васил Рингов и Сандре Маневски), Маркушевиќ си дава оставка разочаран од резултатот, иако е воодушевен од амбиентот.
„Овој град и љубителите на фудбалот во Прилеп кои многу ја сакаат својата Победа како ретко во друго место во Југославија, заслужуваат второлигаш. Дваесет илјади гледачи би посакал секој прволигаш.“, рече пред збогувањето Маркушевиќ.
Стадионот се преполни со гледачи од Прилеп, Скопје, Велес, Кавадарци, Битола и други места.