Македонските моделари даваат максимум на Спортскиот аеродром кај Прилеп на меѓународниот натпревар од спортското воздухопловно моделарство „Македонија светски куп“. Тие се вкупно дваесетина, а за ривали имаат уште толку пилоти од Бугарија и Србија. Според билтенот, во F-1-A (едрилици) за јуниори водечка е Викторија Пејкова од Бугарија, пред Лука Најдоски и Анастасија Пожарска од Македонија. Во сениорска конкуренција меѓу 21 учесник во предност пред другите е Андрија Пешиќ од Србија, Мирослав Мандичев од Бугарија и Ненад Баточанин од Србија. Најдобар Македонец е Димче Велкоски на 5. место. Во оваа категорија денеска има завршна борба за медалите. Во F-1-B (гуменици), кај јуниорите најуспешен е Видак Веселиновиќ од Србија, пред Александар Цветановски и Петар Цветановски од Македонија. Кај сениорите, прв е Бојан Гостојиќ од Србија, а веднаш до него Климент Масин од Македонија и најдобриот јуниор, Видак Веселиновиќ. Во F-1-C (клипеници) победник е Коста Стојановски од Македонија, во F-1-Q (електрични) Генко Петров од Бухарија, а во F-1-H (едрилици за јуниори) редоследот е: Даниел Пејков, Викторија Пејкова, двајцата од Бугарија, Дино Најдоски од Македонија.
Организацијата е на највисоко ниво, спред критериумите на ФАИ (Светската воздухопловна федерација) и ВФМ (Воздухопловната федерација на Македонија), а домаќин е клубот Фил феникс од Прилеп.