Победа како аутсајдер влезе во дуелот со фаворитот Силекс, надевајќи се на бод, а успеа да ги освои трите бода. На прилепскиот тим му требаше овој успех токму во овој момент, кога завладеа песимизам. Задоволството е очигледно.
„Не само резултатот и бодовите, за нас е многу важно што на овој натпревар се истакнаа некои фудбалери кои покажаа дека не се заборавени. Тие видоа дека со стрплива работа и упорност можат да одат во прогрес, а ние потенцираме дека сите нѝ се потребни, особено во оваа Прва лига, за која треба и квалитет и квантитет. “, вели Бобан Бабунски, шефот на Стручниот штаб.
Сите три гола паднаа во минути најпосакувани, кога ривалот тешко може да возврати. Водечкиот на Филип Стомнароски е во последната 45. минута од првото полувреме, вториот на Анатолиј Петејчук во 91., третиот на Игор Паноски во 94. минута.
„Интересно е што истото нам нѝ се случи на претходните натпревари, на наша штета. Така беше со Струга, со Тиквеш, со Шкендија… Поучени од тоа, бевме многу посконцентрирани во тие моменти, а и Универзумот, едноставно, ни врати“, смета Бабунски.
Следниот дуел е в сабота, дома, со Академија Пандев.