Во неделата, по поразот од Башкими во Гостивар, се случи оставката на Јане Николоски, шефот на Стручниот штаб на Победа, веднаш потоа известувањето дека стручниот дел од работата го презема досегашниот негов асистент Стојанче Дунимаглоски, а три дена подоцна на повидок е одлуката за решение на подолг рок. Дознаваме дека синоќа бил одржан состанок во клубот, на кој се разговарало на оваа тема. Извесно е дека треба да се одлучи меѓу две опции: дали некој стручњак отстрана ќе биде доведен на испразнетото место или ќе и се даде предност на поевтината варијанта – избор на тренер од тие што моментално работат во клубот со сениорската екипа (Стојанче Дунимаглоски, Христијан Сркески) и во Младинската школа (координатор е Кирил Овезоски).
За консолидација добредојдена е паузата до 19 октомври, кога е следниот првенствен меч од Втората лига, со Вардар во Неготино.