Првиот меч од 4. рунда на плеј-аутот од ракометната машка Супер лига на Македонија заврши со победа на Прилеп со 31:21 врз Вардар од Неготино. Во салата на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ домашните ракометари уште во првото полувреме направија разлика со која навестија убедлив резултат. Првото полувреме заврши со 14:9.
Со освоените три бода, Прилеп се врати на првото место од табелата. Дали таму ќе остане зависи од резултатот меѓу Радовиш и Куманово, кои играат вечерва, по Струга – Голден арт и Скопје – Јуниор КВ. Пред овие дуели, на табелата Прилеп има 11 бода, Куманово 10, Скопје 8, Вардар Н. 7, Голден арт 6, Јуниор КВ и Струга по 3, Радовиш 2. Борбата за опстанок е до 5. место, додека 6. води во бараж, двете последни ранг подолу.
Во следната рунда Прилеп е гостин на Јуниор КВ во Скопје.