Со неколку исклучоци за натпревари во ракомет и мал фудбал, како и концерти, Универзалната сала во Прилеп не е во употреба долги 10 години. Но, според последните случувања се поблиску е денот за повторно влегување на спортистите во овој објект, изграден во 1973 година, а првпат во употреба во 1976 година. Во врска со сегашната ситуација, очигледно постои волја за решавање на проблемот (веројатно со трибинскиот простор), волја од повеќе организации – Општината Прилеп, Министерството за спорт, Јавното претпријатие за стопанисување со ваков вид објекти, Компанијата „Комфи ангел“ со РК Прилеп. Точно засега не може да се каже за колку време ќе се реши проблемот, но огромната заедничка волја дава оптимизам дека во следнава 2025 година вратите на салата ќе бидат отворени за спортистите.
Во изминативе десетина години ракометот главно се случуваше во салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, кошарката во ООУ „Добре Јованоски“, пинг-понгот во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“, одбојката во СОУ „Ѓорче Петров“.