Кога е во прашање Победа, тешко некој од највозрасните навивачи да се сети од минатото на нешто слично на она што е денес. Порази, порази, порази… Прво беше само една победа и дури шест пораза во подготвителниот период, потоа уште шест пораза во првенството. Ниту еден освоен бод. Навивачите, кои беа сведоци на последниот дебакл со 1:5 дома од Силекс, се прашуваат меѓу себе дали може барем малку подобро? Лесно е отстрана да се критикуваат тие што се внатре директни учесници, но и тие имаат што да кажат. Во разговор со нив, пред се се спомнува тешката финансиска состојба, па промената на играчкиот кадар. Тука се потенцира дека во зимскиот преоден рок дури десетина заминаа, а на нивно место беа доведени исто толкумина од кои дел се со претходна девет или шестмесечна пауза. Ова го зборуваат не само да се оправдаат, туку целта е јавноста да се запознае со тешкотиите, со реалноста. Секој што негодува од трибините има право да негодува, но и да биде запознат со сите тешкотии со кои се соочува клубот кој е во категоријата професионални клубови.
Ако има нешто добро, а секогаш треба да има, тоа е надежта дека може да се избори опстанок во Првата лига. Затоа е секојдневната работа, тренинзите… Среќа во несреќата е тоа што шанси за опстанок (преку бараж) се уште постојат бидејќи достижно е 10. место каде што е Скопје, со бод предност пред Победа.
Денеска имаше тренинг-натпревар, а по првенствената пауза до 2 април следи гостување кај Шкендија во Тетово.