Есента 2021 година во Универзалната сала се одиграа неколку првенствени ракометни меча од машката Супер лига, на кои домаќин беше клубот Прилеп. Исполнета трибина, расположение – сето тоа беше знак дека ракометот, конечно, се врати во својот дом. Но, тоа кратко траеше. Којзнае од кои причини (нема службен став) салата пак беше затворена, како и претходните шест-седум години, и ракометот пак мораше во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“.
Дваесет месеци потоа пак има обид да се врати овој спорт таму каде што му е местото. Има и убав повод – Меѓународниот меморијален турнир „Миле Нешковски“ од 25 до 28 август. Дека е така може да се насети по тоа што во официјалната најава има се – сите детали за групите, датумите и сатницата за натпреварите на учесниците( Еурофарм Пелистер 2, Пролет, Скопје, Дубочица, Кокс, Мултиесенс, Струга и Прилеп), а единствено не е напишано местото каде турнирот ќе се одржи. Според наши сознанија, желба е Универзалната сала, а алтернатива е СОУ „Ристе Ристески – Ричко“.
Во последно време имавме добра ракометна вест (компанијата „Комфи ангел“ стана генерален спонзор на Прилеп), па се чека уште едно пријатно изненадување.