Дали Победа игра во највисок или во понизок ранг, дали има првенствен или пријателски натпревар, дали има само тренинг или нема ништо, постои група најзагреани навивачи („борини“) кои секој ден доаѓаат во стадионот „Гоце Делчев“. И во делник и во празник, и во лето и во зима, и кога грее сонце и кога истура дожд. Така и вчера попладне, за време на „прозивката“, на местото на настанот беа двајцата Мендевци, Кире, Коце, Рубин.
– Цела недела бев во исчекување. Кога се објави дека се почнува од среда, на 5 јули, најрадосниот бев. И да врни, и да грми и камења да паѓаат, тука сум – вели Кире Иваноски – Балче.
Тука се, пред се да им дадат поддршка на фудбалерите во извршувањето на обврските, но и први да видат, први да дознаат што се случува, кои се новостите, кој дошол, кој заминал, кој ќе дојде… Вчера си разговараа дека добро е што го виделе капитенот Јорданчо Наумоски, стоперот Игор Паноски, па дека тука бил голманот Иван Николоски (Беласица), веќе пристапиле Филип Димоски (Детонит Плачковица) и Христијан Кукески (Караорман), се најавиле уште многумина за да се приклучат….
Бидејќи доаѓаат секој ден, до нив стигнува секоја промена на информација, затоа што се претходно што дознале – го проверуваат дали е најточно.