Прилепските шахисти и шаховски екипи се меѓу најактивните во текот на летниов период. Каде има турнир или првенство, таму се и тие. Еве го прегледот во екипна конкуренција:
Во Струмица од 24 јули почна и ќе трае до 1 август Првата лига на Македонија за мажи. Таму учесници меѓу 9 тима се два прилепски клуба – Прилеп и Пелагон. Во 1. рунда екипата Прилеп со 4:2 го совлада Штајниц од Битола (преку победи на Дејан Ѓорѓиески и Кире Николоски и реми на ВМ Мирослав Миљковиќ, ВМ Бобан Богосављевиќ, ИМ Тони Кироски и Стевчо Ѓорѓиевски), а во 2. рунда одигра нерешено 3:3 со Пелагон (сите партии завршени со реми: ВМ Мирослав Миљковиќ – ВМ Далибор Стојановиќ, ВМ Бобан Богосављевиќ – ВМ Никола Седлак, ИМ Тони Кироски – Горан Готовуша, Дејан Ѓорѓиески – Марко Стојановски, Стевчо Ѓорѓиевски – Марјан Дамчески, Кире Николоски – Љубен Ристески). Претходно, во 1. рунда Пелагон со 2:4 загуби од Куманово (преку победата на ВМ Никола Седлак, ремијата на ВМ Далибор Стојановиќ и Горан Готовуша). Засилувања од странство кај Прилеп се ВМ Мирослав Миљковиќ и ВМ Бобан Богосављевиќ од Србија, а кај Пелагон ВМ Далибор Стојановиќ од Босна и Херцеговина и ВМ Никола Седлак од Србија.
По ова од ШК Прилеп порачуваат:
– Одиме кон медал и пласман во Купот на европските шампиони во Врњачка Бања!
Денеска од 16 часот е 3. рунда, во која Прилеп игра против Шкупи од Скопје, а Пелагон со Анпасан од Шипковица.
Во Струмица од 24 до 30 јули е и Првата лига на Македонија за жени. Во неа меѓу 8 тима има место и прилепскиот клуб Пелагон, кој учеството го обезбеди преку првото место во квалификациите. Во 1. рунда Пелагон со 0:4 загуби од Центар од Скопје, а во 2. рунда со 3,5:0,5 постигна победа над Шах-шех од Битола (победија Софија Вардака, Стилијани Вардака и Теодора Ѓорѓиеска, а ремизира Викторија Велеска). Засилувања од странство за Пелагон се Софија Вардака и Стилијани Вардака – двете од Грција.
Во денешната 3. рунда од 16 часот Пелагон игра со Неготино.