На теренот од стадионот „Могила“ во Прилеп беше Светскиот куп во летови со мултиротори (дронови), организиран од клубот Фил феникс и ВФМ (Воздухопловната федерација на Македонија), според календарот на ФАИ (Интернационалната воздухопловна федерација). Гледачите присутни на трибината или гледајќи преку директниот пренос на каналот на Јутјуб од Македонскиот олимписки комитет, беа сведоци на трки со неверојатни брзини и до околу 200 километри на час. Едноставно, дроновите наликуваа на брзи оси, управувани од пилотите.
Јутјуб-канал на МОК
По дводневните натпревари, победник е Назим Тузун (Турција) пред Јуран Тиан (Кина), Давид Спачек (Чешка), а на високото четврто место е Бојан Ников (Македонија). Покрај натпреварувачи од Македонија (уште Александар Ников и Бошко Петрески), учесници беа и пилоти од Србија, Турција, Унгарија, Кина и Хрватска.