„Се враќаме дома!“ е пораката од фудбалскиот прволигаш Македонија ЃП во пресрет на саботниот дуел дома со прилепска Победа. Тоа значи дека тимот ќе игра на својот терен по пауза од три месеца бидејќи настапот летово во Европа со софиска ЦСКА беше на „Петар Милошевски“.
На стадионот во Ѓорче Петров Победа многупати има гостувано во различни рангови на натпреварување. Поради гостување на Победа е постигнат рекорд во присутност на гледачи (7000) во далечната 1979 година. Тогаш во последното коло од Републичката лига Југококта (денешна Македонија ЃП) – Победа 1:2. И за саботниот дуел владее интерес кај љубителите на фудбалот кои ќе сакаат да ги видат новостите во стадионот и околу него. Билетите ќе бидат пуштени во продажба пред натпреварот, по цена од 100 денари.
Мечот Македонија ЃП – Победа е в сабота од 17 часот.