Денеска се случува една реткост – има спортски настан во Спортската сала „Македонија“ во Прилеп. Настанот е Отворен меѓународен натпревар во воздухопловно моделарство, во затворен простор. Се смета за претходница на идниот светски куп, прв во затворен објект. Всушност, ваков натпревар е последен чекор до верификација за повисокото ниво – светски куп.
Од паркетот во преубавиот спортски објект своите модели во Ф1Н (поголеми модели) и Ф1Н150 (помали модели) ги летаат 40 моделари, јуниори и сениори, од три држави: Хрватска, Србија и Македонија. Македонија ја претставуваат деветмина: Леона Чејкова, Сашо Милошевиќ, Глигорчо Чејков, Небојша Стошиќ (Кавадарци), Дино Најдоски, Станислав Најдоски, Зоран Велкоски, Дарко Пожарски (Прилеп) и Круме Димовски (Битола).
Во Спортската сала „Македонија“ претходниот спортски настан беше на 19 март годинава, Победа – Скопје, мечот од Втората футсал лига на Македонија.