Во Ресторанот „Вавилон“ во Битола се одржа еднодневен Меѓународен шаховски турнир, организиран и од Шаховскиот клуб „Шах-шех“. Меѓу 106 учесници од две држави – Грција и Македонија, настапија и шахисти од Прилеп. Највисок пласман од нив има ВМ Звонко Станојоски – втор со 8,5 поени од 9 партии. Постигна 8 победи (против Грците ФМ Евангелија Сискоу и Лазарос Гимнопулос, како и со домашните ривали – Иван Петровски, Дејан Ѓорѓиески, Филип Михов, ФМ Дејан Динев, ФМ Роберт Велески и Миле Трајковски), а реми изваде на една партија (со првиот ИМ Тони Лазов кој освои ист број поени како него – 8,5). На конечната табела 16-годишниот Никола Павлески е на високото 8. место со 6,5 поени, со 5 победи (Божидар Танчевски, Стефан Присаѓанец, Томица Брзовски, Енис Воца, ФМ Љубомир Илиќ), 3 реми (Ѓорѓи Карапетров, Гркинката ФМ Евангелија Сискоу, ИМ Тони Кироски), само 1 пораз (Миодраг Јазаџиевски). Павлески е најдобар меѓу учесниците до 18 години. Меѓу високопласираните прилепчани се уште: ФМ Роберт Велески на 9. место, Дејан Ѓорѓиески на 12. и ИМ Тони Кироски на 15. место – сите со по 6 поени.
Главен судија на турнирот беше прилепчанецот Кире Николоски, ФИДЕ-арбитер.