Клубот Победа е бренд создаван со децении и децении па не е воопшто чудно што и ден-денес постојат негови симпатизери од други градови кои ниту се родени ниту живееле во Прилеп. Таков е Стојче Ристоски, 80-годишен пензионер од Брвеница, Тетовско. Таму роден, таму живее, а навива за Победа.
– Цел живот ја обожавам Победа. Се случи во далечната 1961 година да ја засакам. Заслужна за тоа е сопругата, прилепчанка. Играа Атанасоски, Лашкоски, Јакимоски, Крстески, Ангелески…Најдобар тренер во тоа време од шеесеттите години беше Никола Радовиќ. За малку не влеговме во Првата југословенска лига. Тогаш најдобар фудбал ако сакаш да гледаш, ако сакаш фудбал за мерак, само Победа ќе ја гледаш! И во следните генерации имаше одлични играчи, Истатов, Конески, Митев, Дрвошанов, Арсов, Манески, Магдески, Ѓорѓиоски, Глигороски… Многу ценам кога некој успева во сиромаштија. Победа токму во сиромаштија била добра. Вардар иако бил од цела Република поддржуван, Победа сама стасувала веднаш до него. Без пари да бидеш силен, не со пари, тоа е успех. На 22 мај бев со младинците во Скопје, го победија Вардар со 2:1 и станаа шампиони. Тоа ми се допаѓа – свои играчи да имаш, не само купени. Со свое создадено да бидеш нешто – вели Ристоски.
Срцето на овој човек чука за Победа. Многумина за клубовите навиваат ако имаат некој близок таму или од финансиски мотиви или какви било други придобивки. Кај Стојче најсилното – љубовта е врската со клубот.
– Немам никаков друг интерес, пари и слично. Ме интересира само Победа. Одвај чекам в сабота да ја гледам на телевизија. Јас ја сакам Победа од срце – јасно нагласува Стојче Ристоски.