Карате

ЛЕГЕНДИТЕ ОД 20 ВЕК АКТИВНИ И ДЕНЕС!

Пријатно е да се биде во друштвото на легендарни прилепски каратисти. Повод -оформената Унија на карате-ветерани на Македонија на чело со Чедо Саздовски носител на 8. дан (степен), со секции во Скопје и Штип, а третата е со најава наскоро во Прилеп. Потпретседателот Љубе Кафеџиоски, виш тренер за боречки спортови од Факултетот за физичка култура во Скопје, носител на 6. дан, околу себе во прилепската секција има повеќе генерации, почнувајќи од активните во седумдесеттите години на минатиот век.

– Со Енергоинвест 11 Октомври три години бевме во Првата југословенска лига Потоа успеси и со мојот клуб Сеикен. Освоивме екипно трето место во државната лига. А во Софија, Кире Спиркоски втор на Европскиот куп. Таму изненадување -– трибина со офицери. Низ градот не не пуштаа слободно, туку само со придружба – издвои од спомените Кафеџиоски.

Каратето во Прилеп се има издигнато меѓу водечките спортови, а неговите ѕвезди рамни на ракометарите и фудбалерите. Нема човек кој не слушнал за Кире Дрцко, за кого има безброј анегдоти, па за Златко Ѕверо, Петре Чешело, Круме Џемо претседателот на КФМ кога е меѓународното признавање на федерацијата, Пеце Белистојаноски, спортистот на Македонија за 1994, до неодамна претседател на федерацијата.

– Во почетоците веднаш не бевме прифатени за спортисти, во време кога беа маалски мангупи низ градот. Трениравме во Месната заедница “Корзо”. Првиот тренер Оливер  Џартов знаењата ги добиваше од скопјани, од стручни брошури… Во клубот Крали Марко владееше кодекс, каратето да го користиме само во самоодбрана оти следеше отстранување – си спомнува Славе Ѓорески, основач на клубот Ченто.

На средбата со повисок степен се стекнаа 13 ветерани. Славе Стојаноски и Ванеса Колашинац добија 1. дан, Розе Седлоска и Марија Матракоска се со 2. дан, Дончо Стојоски со 3. дан, Златко Пирганоски, Оливер Николоски, Зоран Цветкоски, Петар Камчески, Љупчо Трајкоски, Славе Ѓорески и Драгољуб Бузески со 4. дан. Носител на 5. дан е Кирил Иваноски – Дрцко. Претходно Петар Чешелковски има добиено 6. дан.

Унијата има низа активности, како што е стручна поддршка на актуелните клубови и каратисти, хуманитарни и крводарителски акции, како и организација на натпревари. Претстои посветеност кон еден голем проект – организација на Балкански куп за ветерани, во мај.

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе