Се игра финалната серија од плејофот за добивање шампион во Супер лигата на Македонија. Се среќаваат Младост 96 (Прилеп) и Крива Паланка. Првиот меч беше завчера во ООУ „Кире Гаврилоски – Јане“во Прилеп. Гостинот, тимот Крива Паланка го доби мечот со 4:3. За Младост Србинот Ѓорѓе Борчиќ доби 2 партии, Андреј Лашкоски една, а одигра уште Антонио Стомнароски и двојката Ѓорѓе Борчиќ/Андреј Лашкоски. За Крива Паланка партии добија Ѓорѓе Петровиќ 1, Кристијан Станојковски 2 и двојката Ѓорѓе Петровиќ/Кристијан Станојковски, а одигра уште Александар Јакимовски.
На ред е реваншот во Крива Паланка. Клубот-домаќин се уште нема одредено датум. А прилепчаните со нетрпение чекаат за да знаат кога имаат шанса да возвратат и така да се изборат за трет меч. Првиот натпревар навестува голема борба за титулата до самиот крај на серијата.