Во духот на долгогодишната традиција, околу 40 жени од четири здруженија на жени од Прилеп – „Китка“, „Мајка Традиција“, „Преродба“ и „Орхидеја“, започнаа со виткање на светиниколските сармички. Овој кулинарски уникатен специјалитет, со големина на еден лешник и со само неколку зрнца ориз, е умешност карактеристична исклучиво за прилепската жена. За годинешната градска слава ќе бидат подготвени над 25.000 сармички.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, заедно со претставниците на овогодишните домаќини на градската слава, компаниите „Матадор“ и „Бимфоод“, ги посети жените во компанијата „Бимфоод“ каде што се подготвуваше овој посен специјалитет.
„Горд сум што ја вративме традицијата на виткање на светиниколските мали сарми на нашиот патрон празник Св. Никола, а особено сум горд што во овие подготовки учествуваат нашите најмлади и што на овај начин учат за традицијата“, истакна градоначалникот Проданоски.
По повод празникот Св. Никола, градоначалникот на Општина Прилеп ги поканува сите граѓани и добронамерници да дојдат во Прилеп на 19 декември и да присуствуваат на чествувањето на градската слава.
„Нашиот патрон празник Св. Никола, заштитникот на градот Прилеп, е празник на мирољубивост, смирение и љубов. Како Општина Прилеп, заедно со нашите овогодишни домаќини, компаниите „Матадор“ и „Бимфоод“, го одбележуваме со длабока почит кон светецот. По тој повод, на 19 декември, на празникот Св. Никола-Чудотворец, Ве поканувам заедно да ја одбележиме градската слава во духот на заедништво, слога и взаемна почит“, нагласи тој.

Чествувањето на празникот Св. Никола ќе започне во 08:00 часот со Архиерејска божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во црковниот храм „Св. Благовештение“ во Прилеп. Водосветот и прережувањето на празничниот колач ќе се одржат во 12:00 часот пред параклисот „Св. Никола“ во центарот на градот.
Потоа, за сите добронамерници ќе биде послужена празнична, посна светиниколска трпеза во централното градско подрачје. По повод градската слава, на плоштадот „Александрија“ ќе биде организирана и пригодна забавна програма, при што на Камената бина ќе настапи прилепската музичка група „Тајфата“.