Некогаш малку се 90 фудбалски минути за да се знае што да прави публиката – да се радува или не. Така беше летото 1980 година. Екипата на Победа се бореше до последното коло за опстанок во Втората југословенска лига. На 22 јуни дома играше со фаворитот Трепча од Косовска Митровица. Гостите обезбедени на табелата немаа мотив за отпор, а на Победа и требаа два бода плус гол-разлика. Не важеше правилото „меѓусебен биланс“. Пред 10 илјади гледачи на полувреме беше 2:1 со головите на Јове Магдески и Гоце Манески за Победа и на Миодраг Мартач за Трепча па на прилепскиот тим му беа неопходни барем уште пет гола. Бројката голови зависеше од резултатот на вториот важен дуел, Мајданпек – Титоград. На полувреме нешто се случи, така што во вториот дел голманот на Трепча божем му пречи сонцето, не прави веќе паради. Топката ако оди десно, тој лево и обратно. Се заредија голови: 3:1 преку Златко Настески, 4:1 и 5:1 двапати Љупчо Георгиевски. Се доби впечаток дека домашните можеа уште колку сакаат, но како да ги фати срам. Доста се пет, белки се доволни.
Заврши мечот, но илјадници навивачи останаа на стадион. На разгласот Радио Скопје информираше, се чекаше исход од Мајданпек – Титоград. Во полза беше само победа на Мајданпек. Водителот повторуваше „Немаме конечен резултат, линиите се во прекин.“ Или „Чекаме уште резултат од мечот Мајданпек – Титоград.“. Така половина час. На стадионот молк. Сите се молат гостиите таму да не земат бод оти ако е така Победа отпаѓа. Измачување. Во еден момент музиката прекинува и новинарот објавува „Мајданпек – Титоград 1:1.“ Победа отпаѓа заради послаба гол-разлика од Титоград. Да дадеше уште два гола, се спасуваше. Вака отпаѓа. Зарем е можно? Речиси никој ништо не зборува. Полека сите го напуштаат стадионот. Многумина, враќајќи се дома, застанаа кај портата пред старата болница. Таму го видоа седнат на оградата економот на Победа Диме Катранушески. Долго плачеше и никој не можеше да го запре. Му беше жал за Победа, за публиката. Возрасен човек да плаче за фудбал. Тоа беше Прилеп.
Се паметат најрадосните, но и најтажните денови. Секогаш кога Победа отпаѓаше, беше тажно во Прилеп.