Вчера салата од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп беше преполна со пингпонгари од цела Македонија, по повод одигрувањето на двете последни кола (осмото и деветтото) од Супер и Првата лига. Деветнаесет екипи играа на 9 маси до вечерта за да биде познато кој е редоследот на табелата.
Во Супер лигата во центарот на вниманието беше дербито на непоразените, Крива Паланка и Младост 96 од Прилеп. Гостите победија со 4:2 и станаа есенски, прваци. За Крива Паланка партии добија Србинот Ѓорѓе Петровиќ 2, Александар Јакимовски и Кристијан Станојковски, а за Младост 96 – Косовецот Фатих Карабаџаку и Антонио Стомнароски. Во екипата Младост 96 отсуствуваше Србинот Ѓорѓе Борчиќ.
Претходно Крива Паланка со 4:1 го совлада Младост од Прилеп. Партиите за победникот ги добија Кристијан Станојковски 2, Александар Јакимовски и Ѓорѓе Петровиќ, а за Младост – Нико Доага. Во ова коло Младост 96 со 4:3 беше подобар од штипскиот Шампион ФА. Во победничкиот тим две партии доби Фатих Карабаџаку, една Андреј Лашкоски, како и двојката Карабаџаку/Лашкоски, додека за Шампион ФА – Амелија Николов и Филип Младеновски две. Екипата Младост вториот меч вчера со 0:4 го загуби од скопски Телеком нец 2, за кого партиите ги добија Србинот Милош Миленковиќ 2, Роберт Михајловски и Димитрие Жоговски.
ТАБЕЛА: Крива Паланка 18, Младост 96 – 17, Шампион ФА и Телеком нец 2 – 15, Младост 14, Пелагонија 13, Берово и Вардар 12, Работнички 10, Крива Паланка 2007 – 9.
И во Првата лига имаше директен дуел меѓу непоразени тимови, струмички Астраион и Радовиш. Победи Астраион со 4:1, со партии добиени од Борис Секулов 2 и Николаос Граменос 2, додека единствената за поразениот е од Ѓорѓе Бораниев. Во другото коло Астраион – Борец 4:1, Радовиш – Студент 4:3.
Екипата Прилеп одигра два меча. Прво со 4:1 го совлада Берово 2. Кај победничкиот тим по две партии добија Мартин Калески и Александар Штаргоски, а за поразениот – Моника Стајковска. Потоа Прилеп со 4:1 го победи и скопско Дебар Маало. И овде по две партии добија Мартин Калески и Александар Штаргоски, а за поразениот – Вања Спасиќ. Тимот Прилеп иако нов прволигаш, има одличен пласман – на третото место.
ТАБЕЛА: Астраион 16, Радовиш 15, Прилеп 14, Берово 2, Борец, Дебар Маало, Рисови 11, Студент 10, Кочани 9.