Одамна се знае што фудбалот претставува за Прилеп, па во овој спорт и ден-денеска можат да се забележат секакви чуда. На мечот од 14. рунда на Б-лигата од ОФС Прилеп, Корзо – Прилеп сити 2:2, во домашната екипа го забележавме Коце Анѓелески. Тој наскоро ќе наполни 60 години! Веројатно нема постар од него не само во рамките на ОФС Прилеп, ами и пошироко. Во неделата, на теренот кај Могилата, го одигра целиот натпревар.
-Играм од 1979 година, речиси без прекин. Со тренинзи почнав во младинскиот тим на 11 Октомври кај тренерот Благоја Башески, а играв за Гарван од Десово, Пауза имав само кога бев во војска, 1983 година. Сум сменил 18 екипи, а имам добиено само 5 црвени картони – раскажува за кариерата Анѓелески.
Инаку, во екипата Корзо има регистриран играч – Киро Наумоски, кој е уште постар (63 години), но тој нема се уште настапено. Пред четири-пет години на истата возраст (60 години) за Мажучиште играше Благоја Наумчески – Пајчето.