Средба за восхит се случи на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, средба на генерацијата од ФК Победа којашто есента 1987 година во Втората југословенска лига – Исток постигна дотогаш нешто недоживеано: 7 победи во серија и 1 реми, постигнувајќи дури 11 гола, а примен само 1 гол.
Од тие фудбалери што настапија таа есен, на средбата се појавија: Мирсад Јонуз, Звонко Костов, Владо Димоски, Милан Тодороски, Марјан Стојковски, Тони Наумоски, Ѓорѓи Тракалинов, Миле Конески, Фарук Јонуз, Тони Шалев и Влатко Досев. Исто така дојде и Зоран Мицевски, кој беше дел од тимот таа есен. Беа присутни и од клупското раководство, како Симон Наумоски, директор на ПИ Витаминка, Димко Кокароски, професор на Економскиот факултет, Орде Иваноски, директор на компанијата Пролетер, Трајче Ѓорѓиоски, возач на клупскиот автобус. Беше и Миле Талески, спортски новинар, дури и Димитар Чучуроски, еден од најприврзаните навивачи. Средбата за весело расположение продолжи кај угостителот којшто е дел од клубот близу 6 децении, Стојче Бозоски.
Покрај споменатата генерација (од која починат е Венцислав Сусулески, а оправдано отсутни Лазар Радевиќ, Спасе Најдоски, Горан Богоевиќ, Васил Гунев и Зоран Митревски), присутни беа и други познати првотимци на Победа, како Љупче Милевски, Рубин Ѓорѓиоски, Круме Митрикески, Славчо Гически, Јане Николоски (чиј татко Мицко беше член на Стручниот штаб спомнатата есен), Љубо Ивановиќ, Тони Чупоски, Стојан Раденковиќ, Љупчо Цветковски, Тони Мегленски и Ѓоко Илијовски. Од тогашните тренери сите тројца тренери се починати – Кирил Анески, Мицко Николоски и Методија Крстески. Од некогашната Управа се спомнаа починатите членови што не се забораваат, како Василе Соколоски, Трајче Маџоски, Веселин Тофоски, Бајо Велкоски, Кирил Самарџиоски, директор на Прилепската пиварница, Благоја Миноски, директорот на Пелагонија турист, медицинскиот персонал со д-р Ѓоко Цветаноски и починатиот физиотерапевт Драган Мирчески, починатите новинари како Данчо Трајковски и Драги Башески, а и оправдано отсутниот Атанас Тасевски.
Меѓу присутните имаше такви што допатуваа од други македонски градови, дури и од странство – Љубо Ивановиќ дојде од Белград (Србија), Милан Тодороски од Сиднеј (Австралија).
Во средбата се вклучи и сегашното ново раководство на ФК Победа – претседателката Јана Мицковска – Попоски, членовите Сашко Попоски, Димитар Трајков и Небојша Стојковиќ. Тие доделија плакета на Симон Наумоски, благодарници на другите заслужни за развојот на клубот.
– Прекрасна дружба со преубави спомени за минатото и таа победничка серија. Се враќаат сликите за премногу публика на секој натпревар. Тогаш не само во Прилеп, ами и во тогашната држава се зборуваше за Победа како за фудбалски бренд – изјави Марјан Стојковски – Манта, тогашен играч, сега потпретседател на ФФМ, претседател на ОФС Прилеп.
Желба е секоја година да има по едно собирање на оваа „златна“ генерација на Победа.
ФОТО