За Фудбалскиот клуб Победа се знае надалеку што тој значи за Прилеп и за Македонија, тоа е општо познато. Исто така е познато дека во последно време овој клуб ја живее најтешката криза во својата историја. Она што помалку е познато е: Зошто сите обиди за консолидација немаат успех?
Имено, се мислеше дека шанса за средување на состојбите е одлуката за донација од еден милион денари од Општина Прилеп. Но тој милион не се префрлал на клупската сметка ниту лесно ниту брзо. Токму тој милион беше во планот за да помогне во опстојувањето на клубот во периодот спроти првенствениот старт и во почетниот дел од борбата за бодови. Како алтернатива, додека стигне тој милион од Општината, се спомнува бизнис-секторот, компаниите, но од клубот велат дека оттаму немало подадена рака и Победа во најтешкото била оставена сама на себе. Свесни дека во ова време проблем е недовербата, со цел да се врати таа доверба, од клубот се нудат разни предлози за соработка со потенцијалните финансиери.
– Нудиме најтранспарентни и најчесни начини на соработка – од тоа финансиерите сами да си плаќаат играчи или фактури за ручек и превоз. да не уплаќаат воопшто пари на сметка на клубот, сами да гледаат кај им завршуваат парите… Засега, за жал, ниту една варијанта не е прифатена. Не оставија да „изгориме“, ниту позајмица не добиваме и покрај гаранциите од Општината – се зборови коишто често ги слушаме во клубот.
Јавноста треба да знае дека светската акција за собирање помош за Победа е во тек и собрани се нешто повеќе од три илјади австралиски долари, но од акцијата ќе се видело полза само кога таа ќе завршела, а тоа е кога ќе се собереле 50 илјади долари. Тогаш може да е предоцна. Прилеп и прилепчаните сакаат силна Победа, затоа поддршката мора да ја дадат најитно до клубот!
МОЛБА ЗА ИТНА ПОМОШ!!!

.