Младите категории фудбалери обично своите првенствени мечеви ги играат на Игралиштето со вешташка трева во Прилеп, но за утре (недела) има најава дека два дуела ќе бидат на Градскиот стадион „Гоце Делчев“. Станува збор за натпревари на помладите пионери и пионери од клубовите Победа (Прилеп) и Силекс (Кратово). Прво, во 13 часот е мечот од 3. коло на Втората помлада пионерска лига, а веднаш потоа, во 15 часот, мечот од 3. коло на Втората пионерска лига.
Кај помладите пионери Победа е прва на табелата со 6, Силекс трети со 4 бода, а кај пионерите Силекс е втор на табелата со 6, Победа трета со 4 бода.
Што се однесува до другите категории од истите клубови, тие играат денеска (сабота) на Градскиот стадион „Мусала“ во Кратово – од 13 часот кадетите и од 15 часот младинците.