Убаво е кога некогашни спортисти и тренери по долго време се пак заедно. Таков собир во клубот „Таверна“ одржаа некогашните кошаркари и сите други на разни начини поврзани со овој спорт во Прилеп.


Кога се зборува за прилепската кошарка, може да се спомне 1946 година за апсолутен почеток, кога прилепски бригадири почнале да го играат овој спорт на работна акција, а во следната година бил оформен и првиот клуб, под името „Гоце Делчев“. Но важен е и обновениот клуб, со исто име „Гоце Делчев“ во 1973 година. Многумина на разни места се спомнуваат како инволвирани во овие процеси – од Милорад Думбалоски и Веселин Тофоски – Батката, Кирил Каракашоски, Димитар Петрески – Таче, Богољуб Ристески – Дасата, Сашо Иваноски, Стеван Стевананџија – Цицо, Тодор Крстески, Здравко Здравески, Петар Муличкоски, Петар Чесноски, Христо Плашески, Трајко Димески – Трајло… Меѓутоа, собирот којшто го спомнуваме главно се однесува за обновениот клуб во 1973 од страна на професорите Трајче Зулјамоски и Веле Јакимовски. Тој клуб подоцна е преименуван во „Тутунски комбинат“па во „Еуроинвест 11 Октомври“. Од овие понови времиња се спомнуваат: Благоја Самакоски, Пеце Ангелески, Перо Блажевски, Ѓорѓе Војновиќ, Тони Стевананџија, Ванчо Ковачки, Томо Вујасиновиќ, Гоце Николоски, Сашо Костоски, Благоја Алексоски, Бранко Алексоски – Арчи (прекар според НБА-ѕвездата Арчибалд), Петар Књазев, Сашо Јошески, Живко Јакимоски… Од ова време е триумфот врз МЗТ Скопје со 74:73. Следбеник на „Еуроинвест 11 Октомври“ е клубот „Бончејца“, со тренерот Драган Брсакоски, а во најново време е клубот „Мега баскет“.
А кога станува збор за собирот во „Таверна“, импресиите се прекрасни:
– Собирот на ветераните беше идеја спонтана. На едно место се собравме 28-мина, да се видиме по подолго време. Би спомнал повеќемина што дојдоа: Љупче Апцев од Струмица, Перо Блажевски и Ѓорѓе Воиновиќ од Скопје, по телефон се јави Дури Бајрактар од Струга, порака испрати Ванчо Ковачки од Италија… Највозрасниот меѓу сите беше баш професор Трајче Зулјамоски, па Михајло Атанасоски – Михата, скоро 80-90 проценти од таа генерација. Многу анегдоти и спомени се спомнаа за првиот кош, првото игралиште, најинтересните натпревари… Тука беа Сотка Николоски, Ангел Когој, Александар Алексоски, еден од претседателите Благоја Самакоски… Средбата заврши со договор по еднаш годишно да се собираме – пренесува Сашо Костоски.

Договорено е да се оформи ветеранска екипа којашто би била пријавена да учествува во Лигата на ветераните на Македонија, каде целта е меѓусебното дружење.
