Наместо најмногу информации во врска со Фудбалскиот клуб Победа, во последно време има се поретко и поретко, па и – ништо! А би требало да е обратно – да има најчесто во врска со овој клуб, бидејќи впечатокот е дека прилепската спортска јавност најмногу прашува, најмногу се интересира за новостите во врска со ФК Победа.
А има секогаш теми на располагање, на пример што се случува, каква е моментната состојба, има ли обид за решавање на финансиските проблеми, како се прави тоа, кои организации или компании се вклучени… Што се прави со Стручниот штаб, со местото тренер – шеф на Стручниот штаб, по заминувањето на Филип Мирчески. Што се прави со играчкиот кадар, има ли играчи што најавиле заминување, има ли играчи што најавиле доаѓање, на кои позиции… Што ќе биде со кадарот што работи во клубот и го одржува Градскиот стадион „Гоце Делчев“… Што моментно, во текот на зимава функционира во клубот, кои луѓе работат, колку и кои тренери се се уште во него и сл. До кога е даден одмор за сите во клубот, 13-топласиран во Втората лига, за кога е одреден првиот собир во јануари… Теми се безброј. Навистина не е убаво да нема никакви вести со Победа. Само со секојдневни новости, со наметнување на теми поврзани со клубот, со дискусии, размена на мислења, може да се предизвикаат позитивни промени.
А позитивни промени сакаат многу прилепчани на кои им е при срце клубот со тоа убаво име.