Ако не е најинтересно она што се случува на теренот, тогаш има многу интересни настани на трибината од Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп. Во саботата, за време на првенствениот второлигашки меч Победа – Осогово, на трибината се појави човек, прилепчанец, којшто јасно и гласно кажа дека во објектот влегува по точно 50 години.
– Тука последен пат бев во 1976 година. Тогаш Победа имаше силен тим во Втората лига на Југославија. Сега повод за моево денешно доаѓање е настапот на внукот, 16-годишниот Михаил Колески, во дресот со број 15 во оваа екипа на Победа – рече Раде, на трибината во друштво на сопругата Даринка и синот Пеце.

Интересно е што меѓу гледачите на трибината беа двајца прилепчани на коишто срцата им чукаат за Победа, но овојпат навиваа и за Осогово, а причина е настапот на нивниот внук, 22-годишниот Христијан Попантоски во дресот со број 11 за кочанскиот тим. Тие двајца негови навивачи се баба му и дедо му Марија и Љупчо Попантоски.
– Го следиме од самиот почеток. Како мало детенце почна во дворот, со мене, кога имавме разни вежби, а паралелно одеше и во Победа, во фудбалската школа. На 19 години замина во Македонија Ѓорче Петров, потоа во Детонит Радовиш. Сега е фудбалер во Осогово, но и студент во насоката физиотерапевт на Медицинскиот факултет во Скопје, така што еднаш на две недели си доаѓа во Прилеп, за да се видиме – вели Марија.
Покрај Христијан Попантоски, во Осогово прилепчани се уште двајца – Ѓорѓи Јованоски и Филип Димоски.