Редок пресврт се случи на натпреварот Цевитана – Речица, од 7. коло на Првата женска фудбалска лига на Македонија. На теренот со вештачка трева во Прилеп, гостинскиот тим поведе со голот на Анастасија Митревска во 25. минута. Се чинеше дека тимот од Куманово е на добар пат да постигне пристоен резултат, бидејќи водството го имаше и во второто полувреме. Меѓутоа, по 58. минута почна често да се тресе гостинската мрежа. До 83. минута во листата на стрелците се запишаа: Ана Боризоска, Михаела Настовска двапати, Анастасија Илиевска трипати, за конечни 6:1 за Цевитана. Цевитана има два меча неодиграно (дома со Ас унитед и со Љуботен во Тетово), а в сабота гостува кај Тиверија во Струмица.
РЕЗУЛТАТИ: Цевитана – Речица 6:1, Шкендија – Топ гол 3:0, Скопје – Саса 0:3, Истатов – Тиверија 0:3, Ас унитед – Љуботен 1:3.
СЛЕДНО 8. КОЛО (сабота): Тиверија – Цевитана, Топ гол – Љуботен, Речица – Ас унитед, Саса – Истатов, Шкендија – Скопје.