110 години фудбал во Прилеп

ПРИЛЕП: НОВИ ПРОСТОРИИ ЗА ФК ПОБЕДА!

Она што е убаво долго се памети и не се заборава. Од есента 1987 година се памети серијата од 7 победи на ФК Победа во тогашната Втора југословенска фудбалска лига – Исток, а тој успех беше поттик за иницијатива околу реконструкцијата на Градскиот стадион и просториите во кои беше сместен клубот. Еве што во врска со оваа тема новинарот Данчо Трајковски напиша во локалниот весник „Народен глас“ во изданието од 13 ноември 1987 година, веднаш по седмата победа од 3:0 над Црвена звезда од Гњилане.

„На последната седница на претседателството на ОК (Општинскиот комитет) на ССРНМ (Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија), беше разгледана Програмата за реконструкција на просториите на ФК Победа. Членовите на Претседателството, по образложението што го поднесоа претставниците на ФК Победа, ја прифатија Програмата, што значи дека во најскоро време ќе почне и да се реализира. Што содржи таа Програма?

Имајќи ја предвид моменталната состојба на клупските простории на ФК Победа кои се дотраени и воопшто не одговараат на нивната намена и денешните потреби, се предвидува нивна реконструкција, односно доградба. Новите клупски простории на Победа ќе бидат сместени во поранешното Одделение за уво, грло и нос на Болницата и болничката аптека, а ќе имаат три дела. Во првиот дел ќе бидат простории за тренерите, судиите и делегатите, магацински простор и спортска амбуланта. Вториот дел ќе биде наменет за канцелариски дел, во кој ќе биде сместена канцелариската служба на клубот, како и ресторанот. Последниот, трет дел, ќе претставува станбен дел, со што конечно ќе биде решено прашањето со сместувањето на фудбалерите кои не се од градот. Сегашните простории на ФК Победа со мала реконструкција ќе и бидат остапени на Пионерско – младинската школа, со што и најмладите фудбалери ќе добијат свој „покрив над главата“.  Исто така, ќе биде изградено и помошно игралиште, а под северната трибина, на улицата „Моша Пијаде“ (н.з. Александар Македонски“), се предвидува изградба на трговски дел, составен од повеќе мали продавници, кои ќе им бидат остапени на трговските организации. Вака реконструиран, овој дел на Градскиот стадион ќе ги задоволи потребите на спортскиот живот во општинава, а воедно ќе ја збогати архитектонско – урбанистичката целина на тој дел од градот.

Реализирањето на оваа иницијатива на ФК Победа ќе значи овозможување на многу подобри услови за работа и напредок на сите фудбалски екипи од градов, обезбедување на многу поуспешна здравствена заштита на сите спортисти, обезбедување катче за разонода и другарување на многубројните симпатизери на Победа, како и услови за подобра организација на најголемиот и најдобриот спортски клуб во општината.

Овој потег на ФК Победа сигурно ќе наиде на одобрување кај љубителите на спортот, посебно на фудбалот, а доколку се оди според очекувањата, се очекува да биде завршен и пуштен во употреба кон средината на идната 1988 година. “

Од категоријата

(видео) СЕКОЈ ИГРАЧ ОД ПРИЛЕПСКА ПОБЕДА МОЖЕШЕ ДА ИГРА ВО ЈУГОСЛОВЕНСКИ ПРВОЛИГАШ!

Зоран Иге

ТРИБИНА ЗА СТОЕЊЕ!

Зоран Иге

ПРИЛЕПСКИ МАЈСТОРИИ ЗА МАЛ ФУДБАЛ!

Зоран Иге

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. ДА Повеќе

Шампион