На прашањето можно ли е во иста година во еден град од шеесетина илјади жители да се случат 7 семејства со „седумки“ на Лото и 7 победи со ред на најсаканата фудбалска екипа, секој објективен би одговорил дека тоа не е можно. Но, ако не е можно за светот, за Прилеп е можно. Ова навистина се има случено, во годината 1987.
Прво се случија „седумките“ на играта Лото. На 20 јануари милионери станаа Бошко Ѓопа и Дамјан Илиески, на 27 јануари Благоја Тошески, на 3 февруари Миха Гаштароски и Спиро Пластиноски, на 10 февруари Влатко Пржески, а на 24 февруари Здравко Башароски. Ова се 7 среќни семејства.
Истата 1987 година, но есента, се случија и 7 победи со ред на фудбалската екипа Победа, во Втората југословенска лига – Исток. На 27 септември се случи првата победа (дома со Мајданпек 1:0), на 3 октомври втората (на гости со ОФК Титоград 1:0), на 11 октомври третата (дома со ОФК Београд 2:1), на 18 октомври четвртата (на гости со Металург во Скопје 1:0), на 25 октомври петтата (дома со Влазними од Ѓаковица 2:0), на 1 ноември шестата (на гости со Борац во Чачак 1:0) и на 8 ноември (дома со Црвена звезда Гнилане 3:0). Што е друго, ако не Божја сила?
Токму генерацијата на Победа од есента 1987 во саботата имаше собир по 38 години.